Искуства

Искуство на Илија Ќироски со NRC – NIKE + RUN CLUB

Сите ние во животот имаме различни цели. Некои се однесуваат на семејството, други на пријателите, трети на работата итн. Во последно време, покрај овие претходните, мене почнаа да ме интересираат целите на спортски план, и тоа особено оние тркачките.
За оние кои не ме знаат, се викам Илија Ќироски, имам 27 години и се што досега сум работел или правел, нема никаква врска со спортот. Меѓутоа не дека не ме влечел спортот, напротив, се имам испробано во секој спорт: фудбал, ракомет, пливање, ватерполо, кошарка, тенис, сквош, бадмингтон… кога реков секој, I meant it! 🙂

Некаде ова време јануари.2014 година (-12 надворешна температура), во екот на Fitness & Insanity периодот во мојот живот, шетам со еден пријател по кеј и уживаме во распустот. Наеднаш од 500м далечина гледам еден човек облечен во зелен (Herbalife) дрес како го гази секој метар од кејот. Дојде на само 10тина метри од нас и забележав со каква насмевка го прави тоа, дури и изненадувачки за мене не отпоздрави, иако не се знаевме. Му велам на другаров “Колку треба да си луд или заљубен у спортот да на -10 и повеќе излезеш да трчаш? Па мене ме мрзи да станам од кревет на ладново!”, а тој ми возвраќа “Ау, не го земај Кокан за репер, од кај мене од маало е, забеган е! Па, кој трча на ова ладно ако е здрав?!”. Прокоментиравме, го наклеветивме, а врска немавме за кого зборуваме. Во тој момент немав појма дека “вперувам прст” кон шампионот на Македонија.
Почна да затоплува, почна да наближува Скопски маратон 2014 и јас некаде март.2014 почнав да се спремам за мојот прв полумаратон. Тогаш така тоа функционираше. Доаѓа Скопски, тренирам од март до јуни. Завршува скопски, завршува трчањето. Толку. Дојде и мај.2014, имав цел да го истрчам Скопски под 1.40 и успеав (1.39.09). Супер, успеав, баталив.
Дојде 2015 година, а мојот добар пријател Гоце Бошковски беше дел од школата за трчање. Започнав да го распрашувам за што се работи, со оглед на тоа дека Finess-от ми здосади, и тој ми спомна дека се собираат, трчаат заедно, се дружат под “диригентската палка” на “маестро” Кокан Ајановски :). Решив да пробам, да дојдам на некои тренинзи заедно со него. Почеток на март.2015 беа првите официјални тркачки тренинзи а веќе 15.март.2015 беше првата трка на 5км организирани од Школата. Супер! Изненадувачки ама многу ми се допадна. Башка сфатив дека Кокан не е “забеган” туку вљубен во оваа работа!
Отидов на две трки во март и мислев дека сум спремен да го претрчам светот. Се исправи пред мене втората можност за учество на полумаратон: Трчаме кон целта 2015. Се пријавив! Не знам што мислев и од каде ми дојде ама се пријавив, и тоа под “капата” на школата за трчање. На 08.април.2015, станав во 06:30 возбуден до бескрај. За миг се најдов на стартот, опкружен со многу луѓе. Почна! Прв круг – супер! Се изненадив самиот себеси дека можам да истрчам 7км со темпо 4:20. Вториот, видов малку мака, но тука-таму се поздравував со луѓе по патеката и чувството беше одлично. Третиот (последен) круг бев спремен да застанам на неговиот сам почеток. Исцрпен, прејаден од сабајлето, без никаква мотивација да продолжам. Но, нешто од внатре ми кажа дека морам да продолжам и дека ова е битка со самиот себе и својата психа. Продолжив. Изненадувачки со истото темпо како и претходно. На враќање од Холидеј Ин према ново лисиче бев готов/уништен, спремен да седнам. Но, на удолницата кај ПИОМ покрај мене поминува човек облечен во зелен дрес и ми вели “Ајде, овде пушти се по удолница и остави да те влече инерцијата. Не се предавај имаме уште само 3км, заедно ќе ги истрчаме”. Се свртев, тогаш поим немав кој е човекот, но го послушав. Тргнавме, заедно, да го истрчаме овој полумаратон. Мојот прв полумаратон го истрчав со време 1.34.04. А човекот?! Човекот беше Блаже Цоневски кому (не знам дали ќе се сети) многу му заблагодарив на крајот :).
Како и да е, со ова време си реков дека Скопски ќе го згазам со уште малку тренинг. За жал, таа година не се одржа. Но, се зголеми желбата и љубовта кон трчањето. Следни беа трките на 5км, па беше Прв до врв со резултат 49.40, па рекреативни трчанки по кеј, но овој пат ме држеше до септември и толку.

Дојде и 2016 година. По мене, една од моите најактивни. Во март.2016 пак дојдов кај Кокан. Пак почнавме со тренинзи, но тогаш веќе со посериозни затоа што веќе имав цел (полумаратон под 1.30). Двата месеца, сериозни тренинзи и резултатот беше неизбежен. Целта, за малку недостигната (1.32). Она што е многу побитно е дека веќе не ми беше битен само резултатот, битна ми беше дружбата на тренинзите, битно ми беше здравјето, битен ми беше континуитетот и истрајноста во моите намери. Почнаа да се редат трки дома, трки во странство. Цел живот ќе ја памтам Стара Загора на +31 степен, каде за малку ми ќидна под 1.30 (1.31). Тренирав напорно цело лето на +30. Дојде септември, месец каде што прв пат имав 2 полумаратона и една трка на 10К во еден месец. Голем предизвик. Помина Белград 10K со супер дружба, со мислите насочени кон Сараево. Сараево, 18.09. – денот на мојот роденден. Полн со ентузијазам си реков ќе згазам во моја чест. Овој пат трчав за себе! Без разлика на изодените 30км претходниот ден, без разлика на неорганизираноста на организаторот, без разлика на дождот и сите останати проблеми – Сараево беше наградата за напорното лето – 1.27.30! Целта исполнета!

ile1

ile2

Но, тука не застана 2016. Се редеа разни трки и полумаратони. Интерниот полу во Виена само недела дена после Сараево, трките на 5км, и секако Шри Чинмој трката за себенадминување во Градски парк. А таа не би го оправдала своето име да не ја завршев со 1.26.07.
Една година, а толку многу промени! Оваа година запознав многу луѓе и веќе драги пријатели. 2016 година ќе ја паметам по исполнување на мојата тркачка цел (следната ми е Скопски 1.20 :)). Оваа година сфатив што значи трчањето, сфатив колку позитивни луѓе има во истото, сфатив колку е тешко да станеш во 5 наутро за трчање итн. Но пред се, сфатив дека трчањето стана дел од мојот живот.

ile
Голем поздрав пријатели и пријателки и се гледаме на трките низ Светот!

Илија.