Искуства

Живот долг речиси два полумаратона – Валентина Јошевска

Ова е вториот дел од мојата трчачка приказна за тие што ја прочитаа првата.
Луѓето често вреднуваат и споредуваат некои работи со секојдневните состојки што го сочинуваат животот. На пример, со тие пари можам да си ги купам патиките за кои долго сонувам или, пак, за тоа време можам да отспијам и ред други работи. Мотивацијата да ја напишам приказнава ми дојде тукутака откако се фатив себеси како често ги споредувам или пресметувам работите со полумаратони.

val

Откако почнав со активното трчање, можеби и не толку активно за некои критичари кои сметаат ако трчаш мораш да бидеш спортист и да правиш рекорди што за среќа во Школата за трчање Nike не е така и критиката речиси и да не постои, туку напротив се мотивира и се охрабрува.
Утрово кога ѕирнав низ прозорецот маглата ме изненади не баш пријатно. Првата мисла што ми дојде беше: Аман, уште магла ли ни требаше! Преку глава ми е од снегот и загадувањето, па сега и магла. Но мислата не траеше долго. Втората мисла што ми дојде беше: Ха, уште на магла не сум трчала, не е лошо и тоа да се проба. Сум трчала во различни временски околности. Тешко ми беше да се престрашам да трчам на дождот, но откако го испробав бев воодушевена колку трчањето на дождот смирува. Трчањето на мразот не беше многу пријатно, но, пак, трчањето на снегот е приказна за себе, се разбира во позитивна смисла.

val2

Како што споменав во претходната приказна љубовта кон активното трчање ми се појави благодарение на Школата за трчање – Nike каде што открив дека трчањето е всушност драгоцено време коешто можеме да си го подариме себеси и од кое можеме само да имаме корист, а не штета. Често со другите членови на Школата го делиме истото мислење дека како да постои некаква магија таму којашто привлекува и го претвора негативното во позитивно. Нормално тоа го прават луѓето кои се дел од неа и не може да се опише, туку само може да се доживее.

val1

За сето ова што досега го постигнав токму со Школата сакам да им изразам благодарност на сите кои се дел од неа. Кокан – кој нè сплотува и секогаш ги контролира работите, Бојан – координаторот за тренинзите на Водно, Љупчо – „другариште“ како што го нарекува Кика, Кика (Христина) – за позитивната обоеност и сложувањето на боите, Александра – мојата двојничка, Дани- позитивната пријателка, Жане – што ми прави најубави фотографии, Јане – за натпреварувачкиот дух со апликацијата Nike, Дац – за духовноста, Јасна и Ирина – најпозитивните сосетки, Илија – можеби еден ден ќе го наттрчам – ако ми попушти, Мики – за поддршката кога се разминуваме на трките, „Омладината“ за позитивната енергија и многу други што не ги спомнав, а се прекрасни и се дел од големото семејство Школата за трчање – Nike.
Многу среќа на сите во новата сезона!

val3