Искуства

Трчање – активност што зближува, инспирира и промовира слободен дух

Трчање – активност што зближува, инспирира и промовира слободен дух

Нема да помине ден, а де не го употребам зборот трчање барем еднаш. Денес добив инспирација да составам нешто во врска со трчањето служејќи се со информации што сум ги читала некаде или сум ги слушнала од некого.

val

Во речникот зборот трчање се објаснува како еден вид техника на движење спротивна на одењето.
Нашите предци ја користеле оваа техника на движење со цел побрзо да стигнат до пленот и ја усовршувале со текот на времето. Трчањето со натпреварувачки дух почнало да се практикува многу подоцна. Имено, најпрвин се јавува на првите Олимписки игри во Атина во 776 п.н.е. и зазело место на листата на спортовите како најдостапен светски спорт. Оттогаш, па наваму, кај трчањето се развиваат различни дисциплини и истото зазема сè поголемо и поголемо место во плејадата спортови т.е. си наоѓа достојно место во атлетиката која неслучајно е наречена кралица на спортовите.
Повеќе од пред 2.500 години се појавува маратонот кој постепено почнал да зазема значајно место во срцето на секој атлетичар. Маратон – настан каде што очигледно се испробуваат можностите на телото, умот и духот одеднаш. Маратонот како дисциплина своите почетоци ги бележи некаде во 490 година п.н.е. со т.н. Битката кај Маратон која се водела меѓу Атина и Персија, кога всушност концептот демократија бил во неговиот зародиш. Демократијата во тоа време била нов концепт кој му давал на поединецот одредени слободи како право на глас и слобода на изразување. Овој концепт предизвикал нови идеи и инспирација во грчкото општество и култура, и им дал слобода на луѓето да создаваат, да бидат наградени, со тоа и да бидат признати нивните достигнувања. Круната на овој концепт е маратонот кој потекнува од Битката кај Маратон* т.е. борба за слобода на поединецот во новиот концепт. Битката кај Маратон е значајна поради тоа што ѝ дозволила на демократијата да се формира и развива. Всушност, легендата вели дека грчкиот најбрз тркач Фидипидис истрчал од бојното поле кај Маратон до Атина со цел да ја пренесе веста за победата на Атина над Персија. По пристигнувањето во Атина исцрпен изустил само: Ние сме победници! Патеката што ја истрчал од Маратон до Атина била 42 км која станала инспирација за настанот во Маратон на Олимписките игри во 1896 г. Оригиналното епско трчање на Фидипидис продолжува да ги инспирира тркачите до ден денес. Па така, маратонот треба да нè потсетува дека не само што ги трчаме (некои од нас) оние 42 км кои ги истрчал Фидипидис, туку дека со тоа го славиме и раѓањето на демократијата.
Испробувајќи ги можностите на телото, умот и духот покрај маратонот кој се трча на должина од 42 км, се развиле постепено различни трки со цел да им се даде можност на сите љубители на трчањето: како полумаратонот, штафетниот маратон, па дури и ултра маратонот (за оние поиздржливите) и маратонски трки од 5 км (како што си ги нарекуваат некои). Оттука маратонот си го задржал своето ветување да ги инспирира љубителите на трчањето да си ги испробаат своите можности.

val1

Па така, без разлика кој со какви патики или со колкава брзина трча, ајде да ги поддржиме сите љубители на трчањето да си ги испробаат своите можности и да ја одржат симбиозата составена од тело-ум-дух, без да исклучат ниту една.
За сите оние што не се дел од Nike – школата за трчање би ги поканила да ѝ се придружат зашто токму овде можат да си ја пронајдат мотивацијата за трчање и поддршката од останатите членови. Особено внимание ќе добијат од нашиот тренер – Кокан кој уште од „втора“ може да им ги одреди можностите на сите и будно да го следи секој нивни напредок.
Веќе кога почна сезоната на маратоните и полумаратоните да си посакаме сите да нè крепи силата да издржиме и да го кажеме она: Јас сум победник за себе! Или пак уште подобро: Ние сме победниците!

*Маратон – место во Грција.

Текст на Валентина Јошевска