Искуства

Искуство после 1 година поминати во Евроинс школата за трчање

Од првичните импресии кои ги објавив во првиот мој прв текст – Искуството на Бојан Сапунов (http://skolazatrcanje.mk/iskustvo-na-bojan-sapunov/ ) поминаа 10 месеци. Тогаш со Кокан и неговата школа тренирав само 2 месеца но доволно да бидам импресиониран и мотивиран од резултатите. Верувале или не, мотивираноста, импресиите и возбудата за трчање од тогаш се само зголемени.
Бидејќи по професија сум информатичар (IT geek runner  ), луд сум по статисткити, податоци кои нешто значат и техника, па затоа и текстот ќе изобилува со податоци и графикони. Пред фактите и боговите молчат па одиме со ред:

bs

Еве каде сум после точно една година поминати во школата. Сум истрчал трениран од Кокан 3.309 км за една година или во просек над 275км месечно.

bs1

Проблемите со вишок килограми веќе не постојат. Намалив 11кг за една година, без гладување и никакви диети, само со здрава исхрана и се разбира со истрчани 3309 км 

Но, да ги видиме и резултатите. Ова се моите сегашни најдобри времиња:

bs2

Минатата година 5км трчав за 24:30, а полумаратон 1:57:10.

Некој можеби ќе каже: си истрчал толку многу километри, си тренирал по 5 пати неделно нормално е дека ќе имаш вакви резултати. Вероватно и јас исто ќе размислував пред 1 годниа, но од досегашното искуство научив дека тајната лежи во тоа да се истрчаат километрите, а при тоа да не дојде до повреди, преголем замор или демотивација. Е токму тука се крие тајната на Кокан и Евроинс школата за трчање. Со правилните тренинзи, со нивната точната дозираност за секој поединечно јас изминативе 12 месеци немав ниту една сериозна повреда па можев да тренирам без прекин 5 пати неделно. Со правилната исхрана која ја применувам во консултација со Кокан притоа сум свеж, секогаш полн со енергија и со нетрпение го чекам следниот тренинг.

Во претходниот мој текст напишав и за енормните придобивки од трчањето за моето здравје. За да не се повторува само ќе додадам дека иако сум веќе во 38та година од својот живот, и имам професија која бара од мене да седам во канцеларија на столче по 8 и повеќе часа на ден, згора на тоа сум и родител на 2 мали дечиња, се чуствувам поздраво од било кога. Редовните лекарски прегледи и крвни слики само го потврдуваат тоа. Притисокот 110 со 70, БМИ од претходните 27 падна на 22, % на масти во мојата килажа е под 14% со што влегувам во категорија Athlets (спортисти). Двете последни проверки на спортска медицина и стрес тестовите покажаа дека срцето и кондицијата ми се во одлична состојба.

За сите оние кои се двоумат, мислат дека нема да најдат време, само ќе напоменам дека освен што сум татко на две мали деца (едното е сеуште бебе) , сопственик сум и на сопствен бизнис со полно работно време, активен и во останати социјални и општествени активности. Трчањето е најефикасен начин да се одржи нивото на фитнес и физичка активност. За еден час трчање се трошат калории како за 2-3 часа брзо возење велосипед. Мојот просечен тренинг со загревање и истегнување трае околу час и 20 минути. Мислам дека секој може да си подари 1 час 3-5 пати неделно и брзо да ги почувствува благодетите како по своето физичко така и ментално здравје, а со тоа и да си ја доведе тежината во ред.

И да не заборавам повторно да ја потенцирам и социјалната компонента на школата. Прекрасни и позитивни луѓе, огромен број на одлични пријатели, редовни хуманитарни трки со кој освен што помагаме да се зголеми свесноста за физичката активност не ретко помагаме и финансиски на одредени категории граѓани.

За крај 2 слики, 2 милиона зборови

2010

bs3

2015

bs4

ПС. Во следниот текст се надевам ќе пишувам за моите достигнувања на Берлински, Лондонски, Париски, а зашто да не и на Бостонски маратон. Со вистинските тренинзи, и мотивираноста ништо не е невозможно.