Искуства

Искуство на Илчо Трајковски

ilco1

Спортски поздрав до сите! Јас сум Илчо, и оваа е мојата приказна, која ве предупредувам, оди во екстреми на моменти! Бев активен спортист, кошаркар до 21 година, кога одеднаш преставнав со спортски активности и од 90кг стигнав до 120+ килограми. Годините поминуваа, килограмите растеа и до мои 39 години стигнаа до 150+. Некаде во јули 2013 година во мене се прекрши нешто, и се решив да направам комплетна промена во мојот живот, пред се заради мене и моето здравје, но и заради моето семејство. Очигледно со 150кг не се трча, така да решив прво да ослабам, а потоа и спортски да се активирам. Во процесот на здраво слабеење со формирање на здрава и балансирана исхрана го сретнав Кокан, и ме привлече идејата за трчање. Имвме неколку разговори и ме импресионираше неговата приказна како атлетичар на овие простори. Се створи идеја во мене за трчање на долги патеки и да се истрча полумаратон во следните 2-3 години. Кога килограмите дојдоа во некоја нормална граница, почнав прво сам, а потоа и со Евроинс Школата за трчање. Нормално, сега со 85кг перцепцијата на светот е многу поразлична, и километрите под нозе не изгледаат воопшто страшни кога се поминуваат. Како некогашен спортист концептот на тренинг никогаш не ми бил стран, од секогаш сум сакал насочено, наменско тренирање кое Евроинс Школата го дава. Не ми претставува проблем наутро денот да почне во 4.30 за да се биде на Кеј во 5.15-5.30 часот. Не да не ми е проблем, со душа чекам да дојде! Почетокот беше тежок. Иако килограмите симнати, кондицијата и ја немаше многу, одвај 800 метри во континуитет. Но не се предадов,и за некое време успеав да дојдам до 5КМ. Тогаш се решив да станам член на Евроинс Школата за трчање, затоа што сам човек толку може, за повеќе треба помош! Систематскиот пристап, совети околу исхраната, техниката и поддршката го дадоа резултатот и за кратко време должините на тренинзите достигнаа од 8-16км, и секогаш се малку, секогаш се сака повеќе! Придобивките се немерливи. Маснотии помалку од 8%, Мускулна маса од 88% Метаболичка старост 26 години. Но придобивките не застануваат тука. Поголема смиреност, сталоженост, самодоверба, гордост, па и доза на здраво его. Здравиот начин на живот и исхрана се прифати во моето семејство и ме радува што и сопругата и двете ќерки следат голем дел од здравите навики кои ги оформив во минативе две години. Да не заборавам можеби и на најбитната работа! Стекнав нови пријатели! Пријатели со кој секојдневно се бодриме, си помагаме, се „влечеме“ кога е тешко, (признавам дека мене ме влечат повеќе, но памтам па ќе вратам кога ќе треба!), нормално со здрава доза на компетитивност. Кога почнав со трчањето желбата беше некаде таму во иднина да истрчам полумаратон. По 3-4 месеци во школата таа желба станува оформена, подготвена за реализација во есенскиот дел на сезоната 2015, и ќе имам огнено крштевање на патеката од 21097м. Знам дека ќе биде борба со самиот себе,но знам дека на крајот ќе победам. Со интересниот концепт на трки на 5КМ, се оформи и нова желба, времето на 5КМ од сегашните 25’43’’ да дојде под 21’. Полека се оформува и петогодишен план, но за тој во некоја следна прилика. Само едно знам, дефинитивно сум заразен со Runners Bug!

ilco