Искуства

Искуство на Бојан Сапунов

Во 2010 година, на мои 32 години решив да се пријавам на Скопскиот полумаратон. Претходно трчав неколку месеци без посебен тренинг план по сопствено знаење/незнаење и успеав да завршам за 1час и 57 минути. Потоа поради работни и семејни обврски следеше пауза од било каков спорт, а со тоа и сите проблеми на денешницата: зголемени килограми, зголемен лош холестерол, зголемен притисок, стрес, пад на концентрација, ослабена меморија, но најмногу ми сметаше тоа што немав енергија за било што.
Конечно алармот се вклучи минатата зима кога на зимувањето сфатив дека скијачката гардероба е претесна, силата ја снемува, а јас имав желба да запнам појако. Веднаш по зимувањето си најдов пристојна теретана со повеќе нови ленти за трчање и решив брзо да се вратам во форма.
На почетоко,т напредокот беше релативно брз и за 2 недели веќе можев да трчам 5 км за половина час. Успеав после неколку месеци да ослабам неколку килограми и да ги доведам во ред притисокот и холестеролот. Тоа ме мотивираше повторно да се пријавам за Скопскиот маратон и да почнам да трчам повеќе на кеј. Со пролетта растеше и ентузијазмот и за два месеци со тренинзи без некој концепт успеав да се спремам и да го завршам повторно со идентично време полумаратонот како и во 2010.
Но како дојде летото, 2010 почна да се повторува. Удирав во ѕид со напредокот во трчањето, брзински и кондиционо не мрдав а поради одморите, жештините и други изговори намалував на тренинзите и тешко заработената форма полека се губеше. Како дојде есента пролетниот ентузијазам за трчање и воопшто мојата енергија како да ги снема.
Тогаш случајно од “лајк” на пријател на Фејсбук дознав за Кокан Ајановски и за неговата школа за трчање. Секако дека знаев кој е Кокан, го гледав на полумаратонот како се тркаше рамо до рамо со Кениецот кој победи.
Без многу размислување му пишав и за неколку часа веќе бевме на телефон за да ми ги објасни деталите. Уште после телефонскиот разговор почувствував како желбата за трчање и самодокажување почна да ми се враќа.
Отидов на првиот тренинг непознавајќи никого од школата. Не сум срамежлив по природа, но чувствував трема пред се бидејќи од детска возраст не сум тренирал во било каков клуб па уште да ми е тренер првакот на Македонија. Кокан уште од првиот час се постави крајно професионално. Ми ги кажа основите ми го виде стилот на трчање и откако се погрижи убаво да се загреам (нешто што претходно воопшто и не го правев) ми го даде тренингот. После вториот тренинг веќе знаев дека го направив вистинскиот избор. Почувствував дека некој кој се разбира ми го дозира тренингот, прави се тој да биде разнобразен но и постојано да ја подбутнува границата на мојот максимум.
После само една недела школата ја организираше и првата трка на 5км. За мое огромно изненадување истрчав подобро и побрзо отколку што воопшто и сум можел да замислам (околу 24:30). Веднаш дојде и предлогот од Кокан за трчање на Софискиот маратон. Со за мене несфатливи дотогаш тренинзи за само 2 недели отидов во Софија. Истрчав 20км без никаков проблем за време 1 час 47 мин. Бев запрепастен колку може да се прогресира брзо по само неколку недели вистински тренинзи. Тренинзите брзо дојдоа до 5 неделно. Желбата во мене за трчање растеше а енергијата во секојдневниот живот ми беше на максимум. После неколку корисни совети за исхрана од страна на Кокан почнав и уште побрзо да напредувам, а воедно и да симнувам половина килограм неделно. Резултатите најдобро говорат, па за само два месеца успеав:
– да трчам полумаратон (21.1км) за 1 час 49 минути, а 5 км за 22мин 45 секунди
– да намалам 4 килограми без воопшто да држам диета
– да трчам преку 200 км месечно
– да ја подобрам концентрацијата и расположението
И да сега притисокот ми е 110 со 68, а холестеролот во нормала.

Но, би направил огромен пропуст доколку не би го спомнал дружењето во школата. Трчаме заедно некогаш и по 15тина луѓе по секакви временски услови. Совети доаѓаат не само од Кокан туку и од поискусните членови. Се бодриме на тренинг, на трка и веќе со повеќето сме вистински пријатели.
Целта за 2015 – полумаратон под 1:45, а за есента и трчање на првиот цел маратон.