Јас сум Владимир Секуловски, вечно заљубен во спортот. На својата 8 годишна возраст татко ми ме одведе да тренирам фудбал, но поради тоа што ми беше утврден шум на срце, моето семејство не ми дозволи да продолжам понатаму со тренинзи. После 10 години моето шумливо срце не издржа да седи мирно, го избра натпреварувачкиот велосипедизам кој што преставува еден од најтешките спортови. Од тој момент мислам дека единствениот шум што го слушав беше тишината на природата додека го возев својот велосипед. 18 години активно се занимавав со натпреварувачки велосипедизам. Позади мене стојат многубројни награди и среќни моменти. Но, семејните обврски и професионалните ангажмани си го направија своето. Во недостиг на време, продолжив да се занимавам само со рекреативен велосипедизам. Но, цели две години мојот натпреварувачки дух не беше скротен, се до моментот кога пред мојата зграда не го сретнав мојот пријател Марин Стојановски на кој што му раскажав дека заради обврските не можам да возам активно и сето тоа ја нарушува мојата физичка кондиција која се рефлектираше со неколку зголемени килограми. Тогаш, Марин ми предложи да се натпреварувам на Скопскиот Маратон 2013 година. Ме убеди дека со кондицијата која што ја имам од велосипедизмот доволна ми е една недела тренинг за да се натпреварувам на маратонот. Тоа беше тоа, она што ми требаше во тој момент да го подигне моето натпреварувачко его. И отидов да се натпреварувам со една недела тренинг. На 15-тиот километар се прашував што правам овде, на 18-тиот километар бев најблиску да се откажам од маратонот, но кога ја поминав целта за 1 час и 51 минута целиот истоштен и без здив знаев дека тоа е тоа што ми треба. Да, бев исполнет, среќен и изморен. Почнав поактивно да трчам и така се редеа и моите учества на маратоните. Трчањето ми даде сила повторно да бидам она што сум целиот свој живот-натпреварувач, а исто така ми овозможи да бидам посветен и на своето семејство и на моите професионални ангажмани. За многу брзо време сватив дека за да се биде успешен во маратонското трчање не е само желбата, силата и тренингот туку и знаењето како да се направи тоа. А кој знае како најуспешно се прави тоа ако не шампионот на Македонија, Кокан Ајановски. Се зачленив во Евроинс школата за трчање каде што добив крајно професионален и искрен однос како за техниката за трчање, така и за правилниот режим на исхрана. Таму се запознав со луѓе од аматери до професионалци и секоја средба за мене преставува нова радост, затоа што сите ние го живееме истиот спортски дух.
Од кога сум во школата си го подобрив своето време за 20 минути. Школата ми го смени начинот на живеење. Трчам 5-6 пати неделно. Мојот тренинг започнува во 5ч.30 мин. наутро и завршува во 7ч. Кога трчам во раните утрински часови често се прашувам што е она што ме тера да го разбудам своето тело толку рано и во полумрак да почнам да трчам се посилно и посилно кон целта. Можеби е тишината на природата која што толку ми недостига? Замислете ја сцената да трчате сам додека Скопје спие, тоа е најпрекрасното нешто со кое што може да почне еден прекрасен ден, нели?
За сите оние кои што се двоумат дали да го земат здравјето во своите раце, да бидат исполнети и да се самонадминат, им препорачувам најотворено дека простор за двоумење не треба да има, треба само желба и храброст да ги направите своите први чекори и после тоа нема да можете да престанете.
А за оние кои што сакаат да ја дослушаат мојата приказна, знаете каде може да ме најдете, на кејот на реката Вардар во 5ч и 30 мин, се гледаме!