Искуства

Искуство на Валентина Јошевска

Денот кога станав тркач-ка

Сто приказни почнав и ниту една не можам да завршам како што заслужува да се каже и опише она што го чувствувам кога станува збор за трчањето и Кокан – македонскиот „гуру“ на трчањето, и за среќа наш лидер во Школата за трчање NRC – Nike +Run Club Skopje.
Го запознав Кокан на една од трките што ги организира преку школата. Се сеќавам , беше 26 април 2015 г. Бев воодушевена од сè што се случуваше таму и дознав од еден пријател, кој трчаше со нив, дека имаат тренинзи и дека повремено се среќаваат како тим и дека им е многу интересно. Решив да им се приклучам. Кокан ми даде инструкции по имејл каде и во колку часот се среќаваат. Толку бев среќна што потскокнував дури одев по патот на местото каде што е тренингот. Таму беа и другите. Прво имавме вежбички за истегнување, па други посериозни вежби и следната задача беше трчање. И така мојата приказна со активното трчање почна и продолжи. Кога не можев да присуствувам на тренинг добивав задача колку да истрчам и на крај да ги „репортирам“ резултатите кај Кокан од што зависеше и следната задача. Не можев да замислам пред тоа дека ќе станам во пет наутро, во лето, за да истрчам 10 км.
Инаку трчањето било секогаш дел од мојот живот. Се сеќавам уште како мала си поставував цели колку да истрчам. Најчесто трчав со пластични влечки број 42, оние на Чик- Куманово ако се сеќавате , повеќе личеа на пераи облечени опаку, од кои секогаш ми беа речиси полуизлезени стапалата и најчесто трчањето ми завршуваше со паѓање и гребаници по лактовите и колената. Паѓав и станував, и никогаш не се откажував.
После една година како член на Школата дојде и највозбудливиот тркачки ден за мене – Скопскиот маратон. Се пријавив да истрчам полумаратон. Измешани емоции на страв, возбуда, гордост. Гордост дека сум дел од тимот на Школата за трчање NRC – Nike +Run Club Skopje. Пред мене стои најдолга патека за трчање во мојот живот. И покрај измешаните емоции цело време ми се вртеше во главата мислата: „Не смеам да се „избрукам“, не смеам да го „избрукам“ Кокан, не смеам да се откажам“. Но убавата страна на тоа беше што тој веруваше во мене и ми даваше огромна поддршка. Имав поддршка и од целиот тим. Имавме интензивни дружби пред Маратонот. Следеа совети, разговори, размена на искуства. Ги добивме и дресовите.
Дојде и тој ден. Се сеќавам дека устата ми беше исушена, срцето ми чукаше како лудо и со другарка ми, Џени, зборувавме непрестајно, неоти се слушавме една со друга, зашто и за неа беше прво искуство и таа минуваше низ истото како и јас. После кратко дружење се упативме кон стартот. Пукна пиштолот и толпата тргна. Не чувствував ништо. Некаде после Владата како да го слушнав Кокан како ми вели: „Не заборавај да уживаш!“. Само се насмевнав и до крајот на трката не се симна насмевката од моето лице. Како за првпат, не почувствував тежина, целта што уште на почетокот си ја поставив ми беше да го завршам. По пат се разминував со прекрасните луѓе од тимот кои викаа на цел глас: „Ајде, Вале. Можеш, Вале!“. Веќе се наѕираше Триумфалната порта, слушнав една од девојките кои ни подаваа вода како ми вели: „Ајде, уште 600 метри. Браво! Браво!“. Не ми се веруваше дека бев при крај. Насмевката сè уште беше тука. Го поминав финишот. Една од девојките ми го обеси медалот на вратот. Прекрасно прилегаше со дресот на школата. Се сретнав со останатите членови на школата и со Кокан, сите изгледаа пресреќно.
Дознав дека женскиот тим на Школата освоил прво место на Маратонот во категорија Полумаратон на што гласно искоментирав: „Па нормално, да се има таков тренер како Кокан, што друго да се очекува освен успех, себенадминување и огромна мотивација да се станува и продолжува дури и кога е најтешко. Секоја чест за тебе, друже Кокан. Продолжи да инспирираш!

WP_20160508_071

WP_20160508_070

WP_20160508_074