Искуства

Искуство на Марија Пантиќ

Моето искуство со трчањето и не е толку долго, но резултатите постигнати за толку кратко време, за мене се навистина големи. Како голем вљубеник во спортот, почнувајќи од моите средношколски денови до сега, рекреативно се занимавав со најразлични спортови, од фитнес, аеробик, пилатес, до пливање, возење велосипед и планинарење. Но, мојот најомилен спорт, трчањето, не го практикував од причина што долго време мислев дека немам предиспозиции да трчам и дека едноставно овој спорт не е за мене. До таков заклучок дојдов после неколку неуспешни обиди да истрчам 3-4 километри, после што чувствував толкав замор како да сум истрчала цел маратон. Желбата да трчам остана само желба, се додека не дознав за ЕВРОИНС Школата за трчање. За школата дознав од моја драга пријателка која зад себе има повеќе од 20 маратони и која ми беше најголема инспирација да се обидам повторно со трчањето. Ме израдува тоа што и кај нас постои ваква школа, каде тренер не е никој друг туку македонскиот првак во трчање во неколку дисциплини, Кокан Ајановски. Без размислување, решив веднаш да се зачленам во школата. За кратко време сватив дека ограничувањата биле само во мојата глава..

Во школата ме пречека тим на прекрасни луѓе, вљубеници во трчањето и здравиот начин на живот, луѓе на најразлични возрасти, почетници и со поголемо искуство зад себе. Пpвиот тренинг ми беше брзо одење, вториот и третиот трчав по 5км со десетина паузи.. На првата трка на 5 км организирана од школата, завршив последна, но бев задоволна што воопшто имав време. Иако тренирав само три недели, мотивирана од тимот, одлучив да учествувам на трката на 8км во склоп на Софискиот маратон. На мое големо изненадување, ја истрчав стазата без пауза и тоа за солидно време. Со постојаните совети од тренерот, правилно дозираните тренизни, посветеноста, дисциплината и поддршаката од целиот тим, после само еден месец, трчам по десетина километри без никаков проблем. Не сум веќе последна на трките и се себенадминувам од ден на ден. Мојот нареден предизвик е да трчам полумаратон на пролет. Но, за да ја постигнам и оваа цел и да дојдам до уште подобри резултати, сватив дека е неопходно да променам некои мои лоши навики поврзани со исхраната. Советите за правилниот начин на исхрана ги добив од теренерот и полека почнувам да ги применувам.

Трчањето ми стана пасија, а задоволството е уште поголемо кога се поголем број пријатели и познаници се интетесираат и ме прашуваат како да се зачленат во школата и тоа што се повеќе се буди свеста кај луѓето дека спортот треба да ни стане стил на живот!

Како што тренерот знае да каже, најдоброто допрва доаѓа! А јас верувам дека ќе биде така кога ја имам честа да учам од најдобрите! 🙂