Искуства

Искуство на Горан Петровиќ


10314029_10203069769361073_8013914977743621824_n

Веќе неколку години учествувам на рекреативната трка од 5км во склоп на Скопскиот маратон. Секоја година слична приказна: 2-3 недели пред трката ќе почнам со подготовки – ќе истрчам 5-6 пати на кеј по 4-5 км со крајни напори и мислам сум завршил работа. Ќе ја завршам трката со некое време од 32-34 минути и сум жив радосен. Веднаш си правам калкулации: епа добро 30 мин – 5км, догодина полумаратон за 2 часа. Ќе протрчам уште неколку пати на кеј и толку од моето трчање за годината. Догодина пак исто.

Оваа година решив да заземам посериозен пристап. Некаде на почетокот на март 2014 решив да почнам да тренирам со време. Првично си зацртав две цели, да истрчам 5км на рекреативната трка во склоп на Скопскиот маратон за помалку од 30 минути, а недела дена покасно 11.5км (со 250м угорнина) на штафетна трка во Швајцарија. Е тие речиси 12км ми изгледаа недостижни.

Како кец на десетка, разбрав дека се организира Школа за трчање, која започнува за недела дена. Бинго! Си реков морам да се пријавам. Уште на првиот состанок со групата, ми се допадна атмосферата – позитивни луѓе со ист интерес на едно место. Нашиот тренер и шампион Кокан нè мотивираше и сеуште нè мотивира со самата негова појава, ентузијазмот со кој говори за трчањето и неговото искуство.

Нема лабаво, има редовно и посветено доколку сакаме напредок. Имаме тренинзи три пати неделно (без разлика дали врне или вее). Програмата е адаптирана за секој индивидуално, според неговите/нејзините можности, спремност и цели. Тренинзите ги започнав со одење и лесно трчање. Сега без проблем можам да истрчам 12км. Со задоволство можам да кажам дека зад мене годинава се две трки на 5км (Трчаме кон целта и Скопски маратон), на кои имав одлични времиња според моите лични очекувања, штафета од 11.5 км (во Швајцарија) која ја истрчав со уживање и искачувањето на Водно како дел од трката „Прв до врв“. Сите овие трки се само инспирација повеќе да продолжам со трчањето. Следната цел ми е да го истрчам мојот прв полумаратон или околу 21км, некаде на есен.

Се разбира, правилната исхрана е неопходна за квалитетен живот, а е уште по важна кога човек спортува. Советите и здравата исхраната допринесуваат за одржување на имунитетот, контрола на телесната тежина, избегнување на несаканите повреди… Откако почнав да спортувам во оваа школа, почнав и да обрнувам поголемо внимание на исхраната, што несомнено допринесе да изгубам неколку килограми и да ја подобрам мојата форма.

Како што би рекол Кокан, се стремиме кон здрав и активен начин на живот. Среќен сум што е така, што има кој да ми покаже како да тренирам и да се хранам правилно.