Додека се сеуште свежи импресиите од трките во Белград (10К) и Сараево (полумаратон/штафета), би сакал да го споделам мојот тркачки стаж, како и искуството со NRC – NIKE + RUN CLUB (NIKE школата за трчање) и нашиот драг тренер Кокан.
Иако скоро цел живот се занимавам со спорт (фудбал, сериозно тренирав кошарка), фитнес итн., последниве години професионалните и семејните обврски си го направија своето. Имав неколку килограми повеќе, но многу повеќе ми пречеше “пасивноста”. Април 2015 год почнав со рекреативно трчање како кардио вежба која ми недостасуваше во секојдневниот живот. Трчав околу 2-3 пати неделно и веќе се чуствував многу подобро.
Моето прво учество беше уличната трка 13ти Ноември (4.8 км) низ улиците на Скопје. Истрчав за 21:25 мин, неверојатно искуство! Веќе бев навлечен . Бев свесен дека ако сакам да трчам побрзо и/или ако сакам да се занимавам со ова посериозно, неопходна ми е професионална помош. За NRC – NIKE + RUN CLUB (NIKE школата за трчање) и Кокан знаев од другар, го контактирав телефонски и на негова покана, едно ноемвриско неделно утро одлучив да присуствувам на една од трките кои ги организира. Неговата скромност, непосредност и спортска интелегенција беа доволна причина да се зачленам. Тука морам да ја напоменам и позитивната енергија која ја носат и останатите членови на NIKE школата за трчање што го прави ова дружење неверојатно искуство.
После само два месеци тренинзи, во кој имав една мала повреда (hamsring-повреда на задна ложа) исполнети со редовни тренинзи на дожд, студ и магла, (оние кои ме познаваат знаат колку сум дициплиниран), започна мојот пекол. После еден LSD (long slow distance) почуствував болка во коленото која продолжи да перзистира и после две недели. Тогаш знаев дека не е Patellofemoral Pain Syndrome (познат како тркачко колено) по што се упатив на ортопед. Дијагнозата од MRI беше поразителна, стануваше збор за скинат заден рог од латерален менискус кој индицираше оперативен зафат. После многу литература и конуслтација со ортопеди, сегашни и бивши тркачи се одлучив на конзервативен третман (без операција). Следеше пауза од пет месеци, исполнета со посебна програма вежби, базен и само една убава работа која се роди од сето тоа: активно и редовно возење на велосипед. Во сите тие тешки мигови, кога и мајка ми, ми велеше : сине, што не се запишеш на јога, само се повредуваш , тука беше нашиот тренер Кокан кој цело време ме охрабруваше и несебично советуваше.
Сега повторно трчам и сум многу среќен поради тоа. Целите и плановите се сменети, што подразбира дека времето и резултатите не ми се приоритет, туку да трчам без болка и да уживам во тоа. После многу пропуштени трки (Скопски полумаратон, Нови Сад, Белград, Венеција и многу други) конечно се случија моите први официјални трки во Белград и Сараево како член на NRC – NIKE + RUN CLUB (NIKE школата за трчање). Чувството е прекрасно! Запознав многу драги луѓе, со кои верувам, а пред се посакувам уште стотици заеднички истрчани полумаратони, а зошто не и маратони…Како што вели нашиот Кокан, Спортски поздрав – најздрав!