Искуства

Искуство на Марина Домазетовска

1-от Софиски екипен маратон кој се одржа овој месец за мене имаше огромно значење. Прв пат во животот се натпреварував на ваков настан. Мојата екипа,ЕВРОИНС Школата за трчање, го освои второто место во категоријтата на корпоративни екипи. За нас, одличен успех. Ќе бидам нефер ако речам дека секој од нас не очекуваше медаља во раце! Напротив! Сите очекувавме! Но, она што е најважно, овој настан за мене лично беше неверојатно животно искуство. Ја потврди суштината на прашањето кое често ми е поставувано изминативе 9 месеци – зошто трчаш? Што ти се случува?

marina

Епа ете, трчам за себе! Трчам затоа што целото мое тело, душа и срце се едно додека сум на патеката! Трчам затоа што можам – здрава сум и многу сум благодарна за тоа. Трчам затоа што времето што го поминувам на тренинг или на трка е само мое! Размислувам, се преиспитувам, си поставувам цели, се исполнувам и постојано се надминувам. Постојано се себенадминувам!
Трчајќи, запознав фантастични луѓе кои ни во лудило не би станале дел од мојот живот! Еве еден пример: во неделата, трчавме екипен маратон – 6 трчачи. Поддршката која си ја дадовме меѓу себе е непроценлива! Јас трчав трета. Над мене се отвори небото! Сонцето ме уби, прописно. Најтешката трка во мојот живот. На некои 500 метри пред цел го видов Блаже како ме чека. Неговиот поглед ми кажа дека лошо изгледам ама јас бев толку среќна што го гледам, едвај дишев и само му реков, не можам да мрдам, трчај, засили ми го темпото! Трчав како луда по него, надвор од себе. Ги слушав Елисавета, Дарко и Јанко како урлаат по мене и продолжив кон целта. Таму, Гиш, муња од трчач, уште посилно викаше по мене ајдеее трчај брзооооооо и засилив со секој атом кон Тони префрлајќи ја штафетата во негови раце. Мислев дека ќе паднам, а бев среќна дека стигнав до целта. Ова се траеше 23.52 минути, најдолгите во мојот живот! Не е моето најдобро време, мојата најтешка трка. Но, каков тим! Какво искуство! Урлав после секоја трка на секој член од екипата. Како јас да трчав со нив, до нив! Мојот тим, луѓе на кои можеш да се потпреш! Не само ние што трчавме, туку и Јанко кој ни беше тренер и поткрепа на секој од нас. Се препотуваше заедно со нас, не’ советуваше гледајќи не’ во очи и ни даде сила да освоиме второ место давајќи го својот максимум! Мојот тренер, нашиот тренер, Кокан Ајановски кој е виновен за сите нас кои посветено трчаме, кој не’ учи и поткрепува и кој постојано не потсеќа дека трчањето не е само спорт туку е живот, начин на живеење и начин на размислување. Јас тренирам во ЕВРОИНС школата за трчање активни 8 месеци и мора да ви кажам дека сум побогата во срце, душа и тело! Почнав со желба да се средам физички и да одвојам време за себе, и нема да застанам. Ми се промени животот. Среќна сум!

marina 1