Здраво на сите. Јас сум Игор, а многумина ме знаат како Гиш. Со трчање започнав да се занимавам рекреативно, релативно доцна, во јули 2014-та кога истрчав неколку пати само на кеј, додека активно започнав со трчање на 10ти Август 2014 година. Одлуката беше тешка, но сепак правилна и доволно решителна. Пред да започнам со трчање, постојано бев опкружен со луѓе кои на овој или оној начин беа поврзани со трчањето. Постојано на ФБ ги читав искуствата што ги споделуваше Кокан на страната на Евроинс школа за трчање, постојано го следев Трајче-атлетичарот од Велес и резултатите кои тој ги остварува, Тања од Белград која постојано остваруваше добри резултати и многу други кои ме опкружуваа.
Во еден разговор со мој пријател кој е во години, и се немавме видено некој период, забележав многу убава промена. Изгледаше 10 години помладо, ослабен 15-тина килограми и беше многу ведар и расположен. Промената секако зрачеше. Неговото објаснување беше дека секој ден оди во теретана, оди на трака и поминува некој километар на кеј со лесно трчање. Тогаш ми кажа за мене еден многу важен совет, дека човекот мора во текот на денот да си најде 1 час во кој ќе си го посвети времето на самиот себеси.
Не помалку важен фактор да започнам со трчање беа и килограмите. Иако рекреативно многу играв фудбал, поради неправилната исхрана, килограмите постојано се зголемуваа. Постојано се лутев кога ќе ми кажеа дека не трчам на фудбал, дека сум мрзелив, буцко, некако си се поправил и сл, а најмногу се лутев кога сакав да си купам кошула или панталони, најпрво прашував за бројот па дури потоа ги гледав моделите.
Летото 2014 падна одлуката дека ќе почнам да трчам и да си посветам 1 час на самиот себе, да променам нешто во мојот живот, бидејќи очигледно нешто не функционираше. Бидејќи работам одговорна работа и секако не сакам да го оставам семејството, тој 1 час го најдов наутро пред да започанм со тековните обврски. Кога почнував немав никаква опрема, имав само патики за шетање, шорцеви и една маичка, но имав голема желба и решителност нешто да променам во мојот живот. Тогаш си ветив на самиот себе дека никогаш во животот нема да ги употребам зборовите МЕ МРЗИ и НЕ МОЖАМ.
Најпрвин започнав со трчање по 5км пред одење на работа, некаде околу 6 часот наутро, додека цел град спие и додека нема никаква опасност од возила. Уште по првото трчање знаев дека нема никогаш да престанам со трчање, едноставно уживав во првите неколку дена, а чувството по трчањето беше исклучително. Едноставно уживав додека се будеше денот, а јас започнував со трчање.
Уште тогаш си поставив неколку цели во трчањето кои беа премногу оптимистички за многумина, но не и за мене. Како главна цел си поставив да учествувам на некоја трка на државно првенство на Македонија и да можам со леснотија да трчам маратони. Не сакав да учествувам на ниту една трка се додека не изгубам доволно килограми и додека не истрчам 1000 километри. И така на 4 Октомври, ден по мојот 33-ти роденден, дојде и првата трка на Евроинс школата за трчање. Поради почит кон Кокан решив да се пријавам и да земам учество. Сеуште не ми е јасно како завршив 4-то место и лично го сметам за свој голем успех и ми претставуваше уште поголема инспирација да продолжам понатаму. Од тогаш учествував на сите трки кои се организираа од Евроинс школата, а од ноември станав и член на Евроинс школата за трчање.
Причината поради која се решив да станам дел од тимот на школата беше тоа што сметав дека дојдов во ситуација кога сам не можам да постигнам подобри резултати во трчањето и секако дружбата со членовите на истата. Таму запознав многу пријатели со кои постојано се дружиме, комуницираме и со кои сме секој ден заедно. Километрите поминати во друштво секако се позабавни, поинтересни и полесни.
Она што го добив изминатите месеци од кога започнав да трчам се: добро здравје, убаво расположение, добар сон, смиреност во носењето на одлуките во животот, нови пријатели, а тоа што го загубив беа само килограмите.
Посебно сум благодарен на Кокан за сето тоа што го прави за популарноста на овој спорт и поттикнување на свеста кај луѓето за да направат нешто добро за себе и своето здравје.
Оваа приказна не завршува тука, а се надевам ќе продолжи со многу понатамошни успеси и ќе успеам барем некого да мотивирам со својата приказна.