Искуства

Искуство на Жаклина Стамболиска

Пред речиси една година некаде прочитав: ….Нов став секогаш доведува до нови резултати …. Не бев свесна колку тоа може да биде вистинито… Бев успешен менаџер во врвна компанија,завршен докторат во технички науки, мојата прва книга во подготовка за печатење во позната aмериканска издавачка куќа….Тоа беше едната страна на медалот, а другата беше редовна лекарска терапија за правилна работа на срцето, повремено гушење, малку вишок килограми,потешки мисли, реткост во искрените насмевки… Секоја недела обично се качував на Водно, и иако тоа беа моменти на релаксација, не беше доволно за промена…. Почнав да вежбав кардио аеробик, но “тренерот” во една прилика ми искоментира дека интензивното вежбање е само за млади луѓе…во кои јас веќе не се вбројувам според неговите критериуми….:) Инаку се обидував и да трчам, но тешко успевав повеќе од 1-2 км континуирано да истрчам. Но, јас не се откажувам… ,а уште повеќе почнуваше пролетта и времето едноставно мамеше надвор…Мојата пријателка Еми, инаку специјалист за пронаоѓање нови,врвни работи, ми кажа дека се отвара училиште за трчање во март, 2014 и дека сето тоа ќе биде водено од нашиот најдобар репрезентативец во областа, Кокан Ајановски…Со мала доза на резерва кон ваквиот врвен тренер, а посебно после моето претходно искуство, се решив сепак да си го сменам ставот и да пробам да трчам, да ги научам правилните техники за трчање, дишење и пред се да бидам надвор… НО, добив многу повеќе од очекуваното! 🙂
Најпрво, тој врвен тренер се покажа како прекрасна личност кој со своите позитивни ставови и огромна животна енергија едноставно ќе ве зарази со овој спорт! Внимателното воведување,чекор по чекор во техниките на трчањето, вежбите за загревање и истегнување, препораките за правилна исхрана и мудрите совети за истрајност, дисциплина и посветеност на желбите и целите направија да успеам во мојата четврта деценија од животот првпат да истрчам 5км на Скопскиот маратон за 29 мин 08 сек после само речиси 2 месеца тренирање. Веќе во октомври 2014, ги истрчав своите први 20км на маратонот во Софија за 1 час 54 мин 25 сек и после 20-те км имав енергија и за успешен шопинг во Софија и возење истата вечер назад до Скопје, а другиот ден – нормален ден на работа. Значи, новиот став донесе нови резултати… Трчањето 10км стана само една дневна релаксација после која се враќам дома освежена, во прекрасно расположение,со мноштво готови одговори во мојата глава на многуте прашања и проблеми што се насобрале на работа, со нова енергија ….Секако, терапијата за срцето веќе не ми е потребна, изгубив неколку килограми и многу повеќе во волумен, што на секоја жена и е посебно драго 🙂 Но, една од најпрекрасните работи што ги слушнав деновиве е дека сум различна личност последните месеци,насмеана и позитивна!
Јас продолжувам да трчам… Годините не се толку важни, важно ми е што моето здравје е многукратно подобро, моите мисли се поведри и ведрото друштво на сите членови од групата на Евроинс школата за трчање е нешто што дава поддршка за секој нов тренинг, за секој нов дополнителен километар истрчан…Благодарност до Кокан што го осмисли ова на свој посебен начин, со индивидуално прилагодени тренинзи, со поддршка за секој член и тоа што е пример на човек кој има храброст да го следи својот сон!