Искуства

Искуство на Беса Имери

Besa Imeri

За Евроинс школата за трчање првпат слушнав кога една моја блиска пријателка сподели на фејсбук дека државниот првенец во неколку дисциплини, Кокан Ајановски, на 17 март, ќе започне со првото школо за трчање во Македонија, и дека секој што е заинтересиран, без разлика на годините и физичката кондиција може да се пријави.

Не ми беше многу јасно како би функционирало тоа, да трчаш во група каде сигурно ќе има луѓе со различна психо-физичка подготвеност. Решив да се пријавам и со нетрпение го дочекав 17ти март. На првата консултативна средба, кога секој од нас се претставуваше, сфатив дека јас сум “најнеактивна” од сите. Во основно и средно школо тренирав кошарка во школскиот тим, и во 2000-та се преселив во Скопје на студии. Првите 5 години низ Скопје единствено превозно средство ми беше точакот и секогаш бев во форма и со одлична кондиција.

Во 2005-та се вработив. Имав долго работно време и со тек на времето се сменија приоритетите и навиките. Неправилниот начин на исхрана и физичката неактивност од година во година си го правеше своето. За 10 години качив 18 килограми и секој обид да започнам здрав начин на губење на килажа беше неуспешен. Пробав различни спортски активности… ништо од тоа не постигна да даде видлив резултат, бидејќи јас по неколку недели се заситував од атмосферата, затворениот простор, пренатрупаните соблекувални. Исто така, не постоеше начин на кој тренерот ќе стигне, дури и ако сака, да се запознае лично со различните индивидуални потреби на членовите на групата.

На првиот тренинг на Евроинс школата за трчање пристапив со доза скептицизам, и тоа не само јас, туку и некои од тие што добро ме познаваат мислеа дека брзо ќе се откажам. Од почеток ми се придружи и една пријателка. На првите тренинзи почнавме со брзо одење. За некои две недели можев да истрчам само 300м наеднаш, додека за еден месец можев да истрчам 2.5 км без да застанам. Првите 5 км ги истрчав на тренингот на 4 мај, точно една недела пред Скопскиот маратон. За тоа време веќе имав намалено 6 кг, благодарение на редовното тренирање и предавањата за здрава исхрана кои Кокан доброволно ги организираше за нашата група.

Кога се зачленив на почетокот, не можев ни да замислам дека за 8 недели тренинг ќе можам да ја истрчам трасата од 5км на Скопскиот маратон, и тоа не само да ја истрчам без да застанам, туку и да се рангирам меѓу првите 100 од околу илјада и сто натпреварувачки на трката. Сега, десет недели откако почнав да трчам, имам симнато 8кг и можам да истрчам 8км без да застанам.

Целиот концепт на Евроинс школата за трчање е многу мотивирачки – тренерот, групата, расположението, разновидноста на тренинзите. Навистина ми е мило што конечно направив вистински паметен потег за себе со тоа што се приклучив кон Евроинс школата за трчање.