Пред околу една година имав 86кг и многу нездрави животни навики. Водев нередовен живот, бев многу нервозен и имав доста лош сон. Физичка активност скоро нула. Се задишував искачувајќи неколку скалила. А имав само 35 години. Решив да променам нешто. Бидејќи не можам да ги променам нештата околу мене, решив да се променам себеси. Започнав од физичкиот, материјалниот дел. Поминав саати и саати на интернет барајќи најефикасни начини за симнување на килограми и скоро сите стигнуваа до едно решение – физичка активност и регулирана исхрана. Нема „short cuts”. Тоа и го направив – го променив режимот на исхрана и започнав да трчам. Трчањето некако ми се гледаше наједноставен и најефикасен избор кој за кратко време ќе даде резултати. Уште повеќе што сум тренирал трчање на 400 и 800 метра (тренерот дури велеше дека имам талент ) Започнав со малку, по 10тина минути, 20…. Не можам да ви опишам колку болни искуства имав на почетокот. Мислам дека нема дел од двете нозе што не сум го повредил, истегнал, набил, преработел… Но, не се откажав. Постепено почнав да трчам по половина час, па по малку повеќе. Билдав километража, а килограмите се намалуваа (се разбира тоа беше поврзано исто така со многу откажувања – скоро од се она во кое уживав порано. Постепено симнав над 20кг. Кога на улица ќе ме сретнеа луѓе кои не ме виделе долго време, мислеа дека сум болен па или директно ме прашуваа или дискретно ја избегнуваа темата плашејќи се дека ќе ме повредат/навредат Се разбира, гардеробата мораше да се менува…
Околу 10 месеци од почетокот на оваа моја авантура се сретнав со Кокан кој тогаш ја започнуваше Евроинс школата за трчање и решив да се придружам. Тоа го направив зашто сфатив дека од еден момент натаму ми треба целенасочен тренинг со кој ќе можам да ги исплонам моите веќе поамбициозни цели – да трчам полумаратон и тоа не само да го истрчам туку и со добро за мене време и, за во иднина, да трчам и подолги дистанци, а како крајна цел – маратон. И еве денес, веќе сум „зависник“ од трчање, кој под водство на
Kokan Ajanovski во рамките на ЕВРОИНС Школата за трчање, трча неделно по 4-5 пати, месечно повеќе од 200км, со еден истрчан полумаратон со солидно време (1:42) и со следна цел да ја трчам трката на 30км на 8ми септември во Охрид.
Зошто го пишувам ова? Не за да се фалам туку да дадам поддршка на сите пријатели од Школата, а и на други, кои решиле да променат нешто кај себе и да се ориентираат кон поактивен начин на живот. Јас сум денес послаб, со повеќе енергија за секојдневните предизвици во животот, попозитивен и посмирен и пофокусиран во остварувањето на моите животни цели.
Подолу ви давам конкретна илустрација на ова што досега го пишував. Верувајте, штом сум можел јас, секој го може. Поздрав